1 Samuel 21
1 Давид дојде во Номва при свештеникот Авимелех, и Авимелех се збуни, кога се сретна со Давида, па му рече: »Зошто си сам? И зошто нема никој со тебе?«
2 Давид му рече на свештеникот Авимелех: »Царот ми даде заповед, велејќи: ‚Никој нека не знае, за што сум те испратил и што сум ти порачал‘ затоа ги оставам слугите свои на определено место;
3 а сега дај ми, што имаш при рака, пет леба, или што ќе се најде.«
4 Свештеникот му одговори на Давида, рече: »Немам при рака обичен леб, туку имам свештен леб; само, ако твоите луѓе се воздржале од жени, нека јадат.«
5 Тогаш Давид му одговори на свештеникот и му рече: »Жени при нас немаше ни вчера, ни завчера, откако сум излегол, и садовите на момчињата се чисти, а ако патот е нечист, тоа лебот ќе остане чист во садовите.«
6 Свештеникот му даде од свештениот леб, бидејќи немаше друг леб освен лебовите на предложението, што беа земени пред лицето на Господа, та по симнувањето нивно, да се стават топли лебови.
7 Тој ден таму се наоѓаше еден од слугите Саулови, по име Доик, Идумеец, началник на Сауловите овчари.
8 Давид му рече на Авимелеха: »Немаш ли тука при рака копје или меч? Зошто јас не зедов со себе ниту меч, ниту друго оружје, бидејќи пораката на царот беше набрзина.«
9 Свештеникот одговори: »Ете го мечот на Филистеецот Голијат, кого го уби ти во дабовата долина, завиткан во платно, зад ефодот; ако сакаш, зами го: друг освен него тука нема.« А Давид рече: »Како него нема друг, дај ми го.« И му го даде.
10 Давид стана и избега истиот ден од Саула, и дојде при гетскиот цар Анхус.
11 Му рекоа на Анхуса слугите негови: »Овој не ли е Давид, царот на онаа земја? Не ли му пееја нему луѓето, велејќи: ‚Саул порази илјади, а Давид – десетици илјади?‘«
12 Давид ги стави тие зборови во срцето свое и многу се плашеше од Анхуса, царот гетски.
13 Тогаш го измени лицето свое пред нив, и се преправи на безумен во очите нивни и удираше по вратите, се фрлаше на рацете свои и пушташе лиги по брадата своја.
14 Анхус им рече на робовите свои: »Гледате, овој човек е луд; зошто сте го довеле при мене?
15 зар малку луди имам при себе, та сте го довеле да лудува пред мене? Зар тој ќе влезе во куќата моја?«